Рускиот претседател Владимир Путин за време на вчерашното обраќање изјави дека се уапсени сите четворица напаѓачи кои извршија смртоносен напад на концертна сала во предградието на Москва. Според последните информации, најмалку 133 лица загинале, а повеќе од 140 се повредени кога напаѓачите упаднале и почнале неселективно да пукаат.
Русите тврдат дека се приведени вкупно 11 лица, а четворица вооружени напаѓачи биле фатени додека се движеле кон Украина. Исламската држава (ИСИС) ја презеде одговорноста само неколку часа по нападот.
Вчера, телеграм каналот на ИСИЛ, објави фотографија од четворица маскирани мажи за кои тврди дека биле вклучени во нападот. Тие подоцна споделија многу експлицитни снимки од нападот. На снимката, која Би-Би-Си ја потврди како автентична, се гледа како еден од напаѓачите отвора оган врз неколку луѓе.
Видеото нема да го објавиме бидејќи е вознемирувачко.
Путин го нарече нападот „варварски чин на тероризам“ и ги повтори претходните сугестии на руските безбедносни служби дека напаѓачите се обиделе да побегнат во Украина. Киев го отфрли тврдењето дека на некој начин бил вклучен во нападот како „апсурдно“.
„Да се сугерира дека осомничените отишле во Украина би значело дека тие се глупави или склони кон самоубиство“, рече Андриј Јусов, портпарол на Украинската воена разузнавачка управа. Украинскиот претседател Володимир Зеленски го обвини Путин дека сака да ја „обвини“ Украина за нападот.
„Сето ова се случи вчера, а овој безвреден Путин, наместо да се занимава со граѓаните на Русија, да им се обраќа, молчеше еден ден – мислејќи како да го поврзе со Украина. Сè е сосема предвидливо. Стотици илјади Руси кои во моментов умираат украинска почва, сигурно ќе беа доволни за да ги запрат сите терористи“, рече украинскиот лидер.
Советот за национална безбедност на САД соопшти дека ја предупредил Русија за потенцијален напад на „големи собири“ во Москва, вклучително и концерти, претходно овој месец. Кремљ го отфрли како „пропаганда“ и обид на Вашингтон да се меша во неодамнешните руски избори.