Инспекторите не успеале да направат вонреден инспекциски надзор во „Беса транс“

Информациите кои денеска ги соопшти директорот на Државниот инспекторат за транспорт, Руфат Хусеини се дека вчера не можеле да извршат вонреден инспекциски надзор во компанијата „Беса транс“, чијшто автобус изгоре во Бугарија, затоа што, според него, канцелариите и на компанијата и на нејзините агенции биле затворени, а никој не се јавувал на телефоните.

„Вчера се упативме во просториите на „Беса транс“, во седиштето, но беа затворени, никој не се јавуваше на службените телефони. Оттаму се упативме во седиштата на двете агенции што ги имаат во Скопје, кои исто така беа затворени и немаше никој. Во Тетово знаеме дека има една агенција, но нашиот инспектор оттаму не информираше дека и таа е затворена. Не можевме да извршиме вонреден инспекциски надзор“ рече директорот Хусеини.

Тој ги најави следните чекори на инспекторатот.

„Сега ќе доставиме писмен допис и ќе закажеме термин за да не пречека и да ја отвори канцеларијата, ако не ја прими доставницата тогаш ќе се изврши достава преку Министерството за внатрешни работи“ – најави Хусеини.