Претседателот на Украина – Володимир Зеленски во обраќањето пред нацијата на својот Фејсбук-профил рече дека среда може да е денот на руска инвазија, но тој ден ќе го прогласи како ден на украинско национално единство.
„Тие ни велат дека 16 февруари ќе биде денот на нападот. Ние ќе го направиме ден на единство. Тие се обидуваат да не исплашат со уште едно именување датум за почеток на воената акција“ – рече Зеленски во видео обраќањето до нацијата.
Официјална Русија денеска соопшти дека е подготвена да продолжи да разговара со Западот за да се обиде да ја смири безбедносната криза, додека САД рекоа дека Москва секој ден ги зголемува своите воени капацитети за потенцијален напад врз Украина.
Зеленски ги повика државните претставници, политичарите и бизнисмените кои неодамна ја напуштија државата, да се вратат во Украина во рок од 24 часа и да покажат единство со нацијата поради стравувањата од руска инвазија.
„Ваша директна должност е во таква ситуација да бидете со нас, со украинскиот народ. Ви предлагам да се вратите во својата татковина во рок од 24 часа и да застанете рамо до рамо со украинската армија, нашата дипломатија и нашиот народ”, рече Зеленски.