
Зеленски: Европа треба да разработи сопствен систем за противракетна одбрана
Европа треба да изгради сопствен систем за противракетна одбрана, а Украина веќе води преговори со неколку држави за негово создавање, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Европа треба да изгради сопствен систем за противракетна одбрана, а Украина веќе води преговори со неколку држави за негово создавање, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Одбраната од балистички ракети е еден од најголемите предизвици за Украина во војната со Русија, бидејќи само одредени типови ракети од американскиот систем „Патриот“ се способни да пресретнуваат руски балистички ракети. Русија користи балистички ракети за напади врз енергетската инфраструктура на Украина, уништувајќи термоцентрали и елементи од инфраструктурата за пренос на електрична енергија.
„Верувам, и мојата идеја е дека треба да имаме европски систем за противракетна одбрана. Водиме преговори со неколку држави и работиме во таа насока“, изјави Зеленски за украинскиот телевизиски канал „Маратон“.
„Треба да изградиме сопствен систем за противракетна одбрана во рок од една година“, додаде тој. Зеленски нагласи дека задачата е исклучително тешка, но остварлива, посочувајќи дека веќе разговарал со клучни европски држави без да ги именува.
Тој не изнесе дополнителни детали. Од компанијата „Фајр поинт“ што ја изработува украинската крстосувачка ракета „Фламинго“, претходно беше соопштено дека се водат преговори со европски компании за развој на нов систем за противвоздушна одбрана до следната година, како поевтина алтернатива на се потешко достапниот систем „Патриот“.
Залихите ракети „Патриот“ се намалуваат поради нивното масовно распоредување во Персискиот Залив со цел заштита од можни ирански напади. Единствениот европски систем за противракетна одбрана – италијанско-францускиот „SAMP/T“ – се произведува во релативно мали количини.
Во своето вечерно видеообраќање, Зеленски најави дека Украина за наредната седмица подготвува нови договори за безбедносна соработка со меѓународни партнери.
Тој истакна дека противвоздушната одбрана, поддршката за вооружените сили и зајакнувањето на одбранбените капацитети остануваат постојан приоритет за Украина.
„Подготвуваме важни соопштенија за нашата соработка во областа на безбедноста со партнерите следната недела. Не забораваме дека противвоздушната одбрана на Украина, поддршката за нашата армија и нашата одбрана остануваат постојани приоритети. Следуваат уште договори за безбедност – Рустем Умеров работи со соодветните држави“, рече Зеленски.
Тој додаде дека Украина веќе има договор за безбедносна соработка со Индија, како и дека работи со европските партнери за деблокирање на веќе одобрен пакет помош што се уште не е реализиран.
Киев има склучено одбранбени договори со три земји од Персискиот Залив, додека интерес за таква соработка изразиле уште 11 држави, соопшти Зеленски на „Телеграм“.