Загинаа тројца планинари во Грција

Информација од грчката противпожарна служба – пронајдени се телата на тројца планинари кои се водea како исчезнати.

Тројца планинари на возраст меѓу 50 и 55 години вчера наутро тргнале да се искачат на планината Хелмос, висока 2.355 метри, на Пелопонез, во југозападниот дел на Грција.

Го паркирале својот автомобил на ски-центарот „Калаврита“, во близина на истоимениот град и оставиле телефонски број за контакт на операторите на одморалиштето.

Операторите за локалните медиуми изјавија дека синоќа ги алармирале спасувачките служби, кога забележале дека автомобилот се уште е на паркингот.

Спасувачката служба активирала специјална единица за спасување, 22 пожарникари, два хеликоптери и оператори со дронови.

Кацигата и јакната се пронајдени попладнево, а три тела неколку часа подоцна.

Локалните медиуми објавија дека тројцата најверојатно биле затрупани од лавина.