
Жителите на Капиштец излегуваат на протест: „Доста ни е од бучавата“
Жителите на скопската населба Капиштец за утре, 11 јуни, во 19 часот најавија мирен протест кај кошаркарското игралиште, револтирани од, како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава од угостителските објекти и недоволната реакција на институциите.
Жителите на скопската населба Капиштец за утре, 11 јуни, во 19 часот најавија мирен протест кај кошаркарското игралиште, револтирани од, како што велат, долгогодишниот проблем со прекумерната бучава од угостителските објекти и недоволната реакција на институциите.
Протестот го организира граѓанската иницијатива „За пристоен Капиштец“, која преку социјалните мрежи ги повика жителите да се приклучат и јавно да го изразат своето незадоволство.
„Доста ни е од бучавата, сега ние ќе бидеме гласни. Додека нас не држат будни, институциите спијат“, порачаа организаторите во повикот до граѓаните.
Жителите бараат доследно почитување на законските прописи, редовни и ефикасни инспекциски контроли, како и поголема заштита на јавниот ред и мир. Според нив, целта на протестот е да се обезбеди мирна и безбедна средина за живот за сите жители, особено за децата.
Од иницијативата посочуваат дека проблемот со бучавата трае со години и е најизразен во вечерните и ноќните часови, кога гласната музика од локалите и собирањето на поголеми групи луѓе во јавниот простор го нарушуваат секојдневието на жителите.
Тие истакнуваат дека не бараат привилегии, туку еднаков третман и доследна примена на законите од страна на надлежните институции.
Капиштец, како една од најгусто населените населби во Скопје, во последните години сè почесто е во фокусот на јавноста поради поплаките за бучава, која жителите ја оценуваат не само како комунален, туку и како сериозен здравствен и еколошки проблем.