Жесток напад – предупредување во цела Украина

Во тек е 337-от ден од специјалната воена операција што Русија ја спроведува во Украина.

Системите за воздушна одбрана на Украина утрово соборија неодреден број руски ракети, информира на Телеграм шефот на кабинетот на украинскиот претседател Андриј Јермак.

Најмалку две од ракетите прелетале над јужниот регион Миколаев, соопшти гувернерот Виталиј Ким на Телеграм.

Агенцијата Некста јави дека експлозии утрово се регистрирани низ цела Украина. Експлозии имало во регионите Дњепропетровск, Херсон, Киев и Миколаев.

Утрово низ цела Украина е прогласена воздушна тревога, а во некои региони е исклучена струјата поради страв од напади.

Подготовките за нападот започнаа во средата доцна навечер кога руската армија од север од Белорусија и од исток изврши масовен напад со беспилотни летала камикази, со кои украинските воздухопловни сили се бореа цела ноќ до зори.

Во раните утрински часови имаше масовно полетување на стратешките бомбардери ТУ-95-МС од кои беа лансирани крстосувачки ракети Х-101 над Каспиското Езеро, додека Црноморската флота за прв пат лансираше крстосувачки ракети од калибар од Азовското Море.

Патеката на летот на ракетата отишла над истокот на Украина, а потоа се расцепила и полетала во три правци. За разлика од синоќа, немаше напади од правец на Белорусија.