Ердоган: Исламските земји треба да формираат сојуз против Израел

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека исламските земји треба да формираат сојуз против, како што рече, „растечката закана од израелскиот експанзионизам“, што наиде на остри критики од оваа земја.

Ердоган се огласи откако израелските војници убиле активист кој има американско и турско државјанство, за време на протестите против проширувањето на еврејските населби на окупираниот Западен Брег, објави Ројтерс.

„Единствениот чекор што ќе ја спречи израелската ароганција, бандитизам и државниот тероризам е сојузот на исламските земји“, рече Ердоган.

Турскиот претседател потврди дека последните напори за поправка на односите на Турција со Египет и Сирија се обид да се „формира линија на солидарност против заканата од експанзионизам“, која им се заканува на Либан и Сирија.