
Британскиот премиер, Енди Барнам, денеска во Даунинг стрит ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски, со цел да ја истакне својата „непоколеблива“ поддршка за украинскиот претседател, соопшти британската влада.
Лидерот на лабуристите за време на средбата ќе вети дека во наредните недели ќе ја „забрза испораката на клучните системи за противвоздушна одбрана“ и ќе ги повика „меѓународните партнери да ги заострат санкциите против Русија“, се наведува во соопштението од Даунинг стрит.
Украина и нејзините европски сојузници беа затекнати од минатонеделната одлука на американскиот претседател да ги укине санкциите за рускиот дизел.
Агенциите оценуваат дека целта на таквата одлука е да се намалат цените на бензинските пумпи во САД и да се придобие наклонетоста на американските гласачи пред клучните конгресни избори на средината на мандатот на Трамп.
Доналд Трамп, исто така, остро го критикуваше Володимир Зеленски, дури „сугерирајќи“ Украинците да изберат „нов лидер кој би можел да постигне мировен договор“ со Москва.
Во такви околности, „нашата непоколеблива поддршка за Украина е клучна за гарантирање на безбедноста на Обединетото Кралство и за обезбедување на потребната опрема за оние на првата линија на фронтот“, вели Енди Барнам во соопштението.
Доналд Трамп предизвика дополнителна забуна во неделата кога еднострано објави „енергетско примирје“ меѓу Украина и Русија.
Меѓутоа, Володимир Зеленски ја обвини Москва дека во понеделникот ги нападнала украинските енергетски објекти и оцени дека е „сè поочигледно“ оти Русија го отфрлила тој предлог.
Иако ја критикуваа одлуката на Трамп за укинување на санкциите за рускиот дизел, западните сојузници на Украина го поддржаа повикот на американскиот претседател за прекин на нападите врз енергетскиот сектор. Британскиот и германскиот министер за надворешни работи во вторникот од Варшава ги повикаа сојузниците да воведат дополнителни санкции против Русија.
Обединетото Кралство е еден од најважните поддржувачи на Украина, од самиот почеток на војната во 2022 година.