Европскиот парламент го разгледува извештајот за Македонија, гласање утре, 17 јуни

Извештајот беше усвоен од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET) на 3 јуни со 43 гласа „за“ и 17 „против“.

Европскиот парламент денес на пленарната седница во Стразбур го разгледа извештајот за напредокот на Македонија кон Европската унија. Конечното гласање за документот е закажано за утре, 17 јуни.

Извештајот беше усвоен од Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) на 3 јуни со 43 гласа „за“ и 17 „против“.

Неколку дена откако текстовите беа усвоени од страна на комитетот, известувачот Томас Вајц формално предложи нов амандман. Со Амандманот 3, тој бара целосно бришење на ставот 73 од текстот на идната резолуција. Ако амандманот биде усвоен, текстот нема конкретно да го спомене Вториот протокол кон Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија. Со овој став се бара Историската комисија да постигне „јасни и опипливи резултати“, потпирајќи се исклучиво на „објективни, автентични и докажани историски извори и документи“, „во согласност со одредбите од Вториот протокол“. Терминот „заедничка историја“ е исто така присутен таму.

Во македонските медиуми нема многу информации за предложените измени, но во бугарските се пишува дека Вајц го остава ставот 71 недопрен, во кој важноста на Комисијата е наведена во многу поблага верзија и се забележува дека дека самите историски толкувања не се дел од формалните критериуми за членство во ЕУ.

Бгнес пишува дека проблемот бил во барањето за бришење на ставот 73 и со тоа „ австрискиот европратеник го продолжува својот напад врз Вториот протокол. Скопје се обидува да протурка замена во суштината на дебатата, обидувајќи се да го сведе документот само на незначителни историски спорови за да го оправда неговото бришење“.

Во АФЕТ комитетот, првичниот предлог на Вајц, со кој побара од правната служба на Европскиот совет да го протолкува правниот статус на протоколот пропадна и беше отфрлен. Овој пат, како што пишува Бгнес, Вајц инсистира на бришење на целиот став 73 и со тоа се обидувал да го отстрани споменувањето на Вториот протокол од конечната резолуција.

За време на дебатата во Стразбур, бугарските европратеници ги коментираа текстовите во извештајот.

Андреј Ковачев (ГЕРБ) му се обрати на Томас Вајц со зборовите: „И двајцата ја поддржуваме Северна Македонија, но мотивирањето да не ги исполнуваат своите обврски не е корисно“.

„Изненаден сум од обидот да се отстрани дел од текстот“, рече тој, осврнувајќи се на ставот 73.

Тој нагласи дека Договорот со Бугарија, заедно со протоколите кон него, е дел од преговарачката рамка. Тој истакна дека затоа нацрт-извештајот содржи текст според кој Комисијата за историски и образовни прашања мора да работи врз основа на академски и научни методи, како и автентични и објективни докази.

Ивајло Валчев (ИТН) го спомена плањето на два автомобила пред бугарската амбасада во Скопје сред бел ден во понеделникот. „Таква Северна Македонија нема место во Европската унија сè додека не ги спроведе потребните реформи“, рече тој.

Станислав Стојанов (Преродба) нагласи дека не можела да ја гарантира безбедноста на земјите-членки на унијата. „Нејзините граѓани заслужуваат подобра иднина, но таа доаѓа преку реформи, владеење на правото и почитување на правата на сите заедници“, нагласи тој.

Извештајот и дебатата во Европскиот парламент денеска ги спомена и бугарската претседателка Илијана Јотова.

„Имам сигнал од европратениците дека во последен момент во пленарната сала ќе се обидат да отстранат еден од текстовите што директно се однесува на работата на заедничката комисија според член 12 од Договорот за добрососедство, и со тоа да ја направат нејзината работа и нејзините заклучоци бесмислени во иднина. Колку што знам, во моментов се водат консултации во различните парламентарни групи“, рече Јотова.