Со овој наслов не мислам на двете политички партии кои вчера одржуваа конгреси, ниту пак за кои било политичари во Македонија, бидејќи сите заедно тие се микро или подобро кажано, само нано опкружување во споредба со мноштвото реални универзуми. Но, исто така и не мислам на поддржувачите на вакцините и на антиваксерите. Туку, малку пошироко, подалеку, а сепак толку блиску…
За да стане јасно на што се однесува насловот, најпрвин главното прашање до секој од нас ми е: Колку ги гледаме и колку сме свесни за реалните универзуми кои се насекаде околу нас во денешнинава и во блиската иднина? Овој пат директно ќе посочам 5 примери за да стане повидлив паралелизмот:
1. Главното чудење што го забележувам кај (нови) луѓе од Скопје со кои комуницирам е на темата автомобили: Велат: „Како тоа немаш кола? (притоа покажувајќи невербална комуникација што е приближна на експресија за пропаѓање на светот). И секако дека кај нас се подразбира дека тој автомобил (што го има некој) е на бензин, нафта или на плин. Во меѓувреме во Виена на пример, бројот на годишни билети за јавен превоз е поголем од бројот на годишни регистрации за моторни возила. Во Париз пак се испробува концептот на „15 минути град“ – без автомобили во централното градско подрачје за секаде да може да се стигне за 15 минути. Во Атина пак деновиве се овозможи една година бесплатно полнење за електрични автомобили на 25 јавни бензиски пумпи. Загреб сака да биде прв град со само управувачки такси возила (без возач)… И да не навлегувам подетално за да ги набројувам примерите, градовите, а и државите кои преземаат сериозни чекори во насока на развој, напредок, заштита на животната средина… А овде кај нас, до кога и за што ли уште ќе се чудиме? До кога ли ќе владее одбивност на секоја промена што доаѓа? Или како што обично овде се научени мнозинството само под присилност да ја прифатат понудата, на пример кога некој ќе им понуди пари за тоа (без разлика на обликот: плати, грантови…), или пак кога ќе почувствуваат закана дека ќе им земат пари (дали како санкција предвидена со закон, дали како зголемени цени на производи)…?
2. Кај нас „критичко мислење“ очигледно е само поим кој се препишува од некои странски учебници, ама кога ќе дојде време за примена во пракса, тогаш владее онаа познатата „теоријата и праксата не се исти“. За ова имам милион примери, а верувам дека и вам ви доаѓаат уште повеќе додека го читате текстов… На кратко, паралелизмот на оваа тема е многу едноставен. Кога во Македонија нешто критикуваш (аргументирано), тогаш директно или индиректно ќе си ги сносиш последиците, негативни за жал (на пример: барање извинување, прекинување договор, неисплата, одолговлекување на работите, уценување и/или оцрнување, измислување уште 25 нови непотребни чекори кои немаат врска со темата за која се критикувало….). Од овие последици, која и да е на дело, резултатот е ист: критикуваниот не сака да менува ништо (ниту кај него самиот, ниту во системот), па пробува начини да те тргне на страна, додека системот (а и тој самиот) тапка во место, се уназадува или пак се срозува уште побрзо што е погубно за сите! Наспроти ова, многу искуства со развиените општества ме научиле и ми покажале колку корисно за двете страни е преточувањето на критичкото мислење во вистинска акција. Секогаш имало здрава размена на аргументи од која двете страни ќе научат нешто ново и системот во секој случај ќе се подобри, така што следниот пат сигурно неколку чекори ќе бидат скратени и унапредени. Сето тоа за сечие добро!
3. Овој трет пример не е за споредба на македонскиот систем со поразвиените странски системи, туку за паралелизмот што постои во рамките на самиот домашен систем (што не е исклучено да го има и во странските системи). Секоја професија, секоја индустрија, секоја економска класа на граѓани живее во свои паралелни универзуми и како да нема чувство, ниту претстава што се случува кај другите, а не пак да се обиде да ги разбере доволно. Јас имам голема предност што сум бил дел од многу од нив и директно сум соработувал (професионално или приватно) речиси со сите останати. Научената лекција, не само моја, туку и на светот кој бара излез од оваа криза и се стреми кон напредок, е дека не се доволни Коморите, туку треба што почесто формирање тимови од различни професии, области, индустрии кои ќе создаваат заедно нова додадена вредност. Така, во една прилика летово, со главната менаџерка на Google за Австрија заклучивме дека не само ним, туку минусот на многу компании во светот од ИКТ секторот е што во процесот на создавање софтвери кои решаваат општествени проблеми не вклучуваат доволно професионалци со знаење и искуство во општествени науки (што пак нам во WIDNET Solutions ни е огормна предност со која се гордееме). Доколку се практикува различност во професионалците, тогаш побрзо би се надминале и недоразбирањата што ги имаат политичарите и општествениците во однос на големите светски гиганти од ИКТ индустријата.
4. Верувам познато ви е дека кај нас преовладува мислењето дека промени во општеството се прават само преку институците и политиката (читај: политичките партии). Исто така сведоци сме како се величаат политичарите, особено оние од западноевропските држави… И тоа е паралелен универзум. Мене тој феномен ми е особено интересен бидејќи на светските форуми од високо ниво на кои сум постојано присутен, многу често признати светски професори и бизнисмени отворено и јавно зборуваат колку нивните политичари ги успоруваат во промените, колку им е тешко да им објаснат за да може политичарите да ги разберат што и како прават и сакаат да направат… И можеби погодувате, во тие општества општо познат факт е дека промените доаѓаат главно од приватниот сектор и од меѓународните организации, а не од локалните политичари кои се најчесто последна карика во секоја една промена! Ама за жал нашиот паралелен универзум нè донесе до состојба на партизираност во секоја пора и да ги направиме политичарите центар на нашиот свет бидејќи веруваме дека само тие може да ја донесат промената и дека таа треба да тргне токму од нив и никако од некој друг.
5. Многу често во овие две години слушав изрази како: „Ги учам децата да живеат како во наше време“, „Кога конечно ќе заврши короната ќе се вратиме на старо“, „Не сум доволно вешт со технологија“, „Еј, па цел ден на телефоните и на лап топите“…. Како и на многу настани и овде ќе бидам брутално искрен. Нема да се вратиме никогаш на старо! Не мора сите да бидеме информатичари професионалци, туку треба да сфатиме дека технологијата е наша реалност и неопходност и во таа реалност сите треба да знаеме како да „смениме сијалица“, нели? Ако тоа го сфатиме што поскоро, така заеднички ќе може да се сконцентрираме на суштината, на пример да бараме да ни се овозможи, забрза и олесни системот на меѓународни е-плаќања, да соработуваме со светот што повеќе и да се прикажеме во подобро светло што подалеку. И воедно да се бориме да не губиме во нивните очи кога ќе сфатат дека една поштенска пратка патувала до Македонија цели 6-7 месеци или кога не е сигурно дали ќе имаме струја деновиве па не може да организираат ниту состанок со нас… Да се бориме заедно за ниту сега, ниту во иднина, да не создаваме и да не ни изгледа паралелен универзум ниту Metaverse, ниту кој било друг тренд што забрзано го обликува светот.