Денот на демократијата одбележан во Собранието: Демократијата почнува кога ќе сфатиме дека нашиот глас е важен

Демократијата се учи од најрана возраст преку почитување на различните мислења, учество во носењето одлуки и активно вклучување во заедницата, беше порачано денеска на одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата во Собранието. Пред ученици од основните училишта, претставници на законодавниот дом и Амбасадата на Швајцарија говореа за значењето на демократските вредности, улогата на парламентот и важноста младите навреме да се вклучат во општествениот живот.

Демократијата се учи од најрана возраст преку почитување на различните мислења, учество во носењето одлуки и активно вклучување во заедницата, беше порачано денеска на одбележувањето на Меѓународниот ден на демократијата во Собранието. Пред ученици од основните училишта, претставници на законодавниот дом и Амбасадата на Швајцарија говореа за значењето на демократските вредности, улогата на парламентот и важноста младите навреме да се вклучат во општествениот живот.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, на учениците им објасни дека Парламентот носи закони кои го уредуваат секојдневниот живот на граѓаните.

– Демократија е кога вие во вашиот клас заеднички ќе одлучите каде сакате да одите на излет. Некој можеби ќе предложи да одите на Матка, друг ќе каже во Охрид, трет во Катланово, а класниот раководител или наставничката можеби ќе предложат Водно. Но, сите вие треба да гласате и заеднички да одлучите каде ќе одите на излет – рече Милошоски.

Тој додаде дека почитувањето на одлуката на мнозинството претставува суштина на демократската култура.

– Оној што размислува различно не е непријател на оној што размислува поинаку. Демократијата е степен на општествен развој во кој одлуката на мнозинството се почитува и од оние што не успеале да ја наметнат својата позиција. Тоа не е слабост, туку израз на политичка култура – истакна Милошоски.

Амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер, во своето обраќање нагласи дека демократијата не се сведува само на избори и институции, туку се практикува и во секојдневниот живот.

– Демократијата значи да имате глас, да го изразите своето мислење, да ги слушате другите, да поставувате прашања, па дури и да не се согласувате, а сепак сите да имаат можност да придонесат во општеството во кое живееме – рече Зомер.

Тој посочи дека младите имаат важна улога во демократските процеси.

– Демократијата не започнува тогаш кога ќе станете доволно возрасни за да гласате. Таа започнува во моментот кога ќе сфатите дека вашиот глас е важен – нагласи швајцарскиот амбасадор.

Зомер препорача и дека демократските вредности мора постојано да се негуваат.

– Затоа демократијата никогаш не треба да се зема здраво за готово. Таа не е производ што еднаш е создаден и потоа оставен на полицата. Демократијата е нешто што мора постојано да се практикува, негува и унапредува, истакна тој, додавајќи дека иднината на демократијата зависи од секој поединец, а не само од парламентите, владите и политичките партии.

Раководителот на Парламентарниот институт и државен советник Златко Атанасов, истакна дека Собранието е „куќа на сите граѓани“ и дека демократијата се гради и учи низ воспитувањето и образованието. Тој нагласи дека никој не се раѓа како демократ, туку преку животот учи да ги почитува правата на другите и затоа Собранието организира вакви настани за младите. Според него, парламентарната демократија треба да се негува и почитува, особено имајќи ги предвид периодите кога граѓаните немале можност сами да одлучуваат за својата иднина.

По воведните обраќања, се одржа интерактивна сесија со учениците на тема „Демократија“. Во рамки на програмата беше емитуван и видеоматеријалот „Како Шари стана пратеник?“, по што следуваше дискусија меѓу учениците и пратениците за темите обработени во видеото, со цел младите непосредно да се запознаат со функционирањето на парламентарната демократија и процесот на донесување одлуки.