Дамева: Сите во правосудството треба да ја почувствуваат одговорноста, обврска е да ја враќаме довербата кај граѓаните

„Кај нас етикетите се ставаат на почетокот, на изборот на фунционерот, јас сакам етикетата да ми се стави на крајот на мојот мандат“ вели претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева во најновото издание на Трилинг.

Дамева вели дека „во случај кога би имала влијание, притисок или закана, тоа би го пријавила кај надлежните, а би го обелоденила и јавно, со име и презиме кои се оние кои вршат влијание“.

За застарувањето на едно од делата против Сашо Мијалков, Дамева посочи „Судскиот совет експресно реагираше, ја констатираше состојбата, во смисла на временото постапување, на роковите. Втората фаза, е да се детектираат причините за ажурно или неажурно постапување и дали тие се субјективни или објективни. Во тој дел постапката е тајна за јавноста. Кога законските можности тоа ќе го дозволат, ќе се знае дали и против кого ќе се поведе процес“.

„Јас не сум член на политичка партија, а дружбата и пријателството со политичари, во иднина ќе се покаже дали има влијание врз мене. Немам ни дете судија или обвинител, ниту сопруг. Не може да забраните дискриминација по семејна положба“ вели Дамева.

Упатените во правосудството велат дека во Судскиот совет има три струи, едната поддржана од Заев, втората на Миле Зечевиќ, а третата од ДУИ.

На тоа Дамева рече „првпат слушам за ова“.

„Под чие влијание некој одлучува, јас не сум запозната, но јас одлучувам само по факти и докази“.

На прашање дали првиот човек на Судскиот совет чувствува одговорност за состојбите во правосудство, Дамева вели:

„Сите во прасудството треба да ја почувствуваат одговорноста. Обврска е дека треба да ја враќаме довербата кај граѓаните. Ниска е довербата во повеќе институции. наше е како ќе почнеме да ја враќаме довербата. За враќање треба да се констатираат причините, во наредниот период ќе преземаме чекори. Прв чекор е транспарентност и отчетност, втор чекор е да се ослободиме од судии кои не заслужуваат да ја носат тогата“.