Герасимовски: Со една конфискација, оној кој ќе сака да гради на диво, ќе размисли неколкупати

„Цел ни е да конфискуваме објекти изградени на државно земјиште, каде што има непознати сторители. За да срушиме дел од објектите, да срушиме дел од две згради 5,5 милиони денари. Уште трипати повеќе ќе чини нивно целосно отстранување од парцелата“ вели градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски во најновото издание на Трилинг.

Тој смета „и покрај високите казни, сепак некој се дрзнува да гради на диво. Санкционираме се. Кубуриме со број на инспектори“.

На прашање, по конфискација дали ќе се дозволи некој по багателна цена да го откупи имотот, градоначалникот вели:

„Нема да се дозволи тоа, има одредени цени. Се знае вредноста на земјиштето. За сузбивањето на урбаната мафија, централното градско подрачје е секогаш под лупа на медиумите и граѓаните. И јас излегувам со инспекторите. Се соочуваме со идејни решенија, но на терен не секогаш инвеститирот гради по решението“ вели Герасимовски.

Имаме дивоизградени објекти и од минатото, вели градоначалникот, и напоменува дека до 2025 година треба да се затворат сите предмети останати од минатото.

„Луѓето се дрзнуваат на се. Со една конфискација секој кој до сега правел објект на диво, ќе размисли неколкупати дали да го стори тоа“ вели Герасимовски.

Градоначалникот на Центар рече дека „и покрај сите тектонски пореметувања војни, ковид кризи, се она што збореше опозицијата, излезе дека не е вистина. Државата успеа на нозе да ги издржи сите кризи“.

За договорот со „Бехтел и Енка“ тој смета дека „можеби фалеше еден дел да се одвои во поголема транспарентност, да се објасни за каков проект станува збор и кои ќе се бенефитите. Капитален проект од кој ќе имаме бенефит сите. Не верувам дека Владата би дозволиле да има недоследности“.