Вучиќ: Ако ме убијат, брат ми Андреј ќе остане, ако го убијат брат ми, мојот син Данило ќе остане!

Српските медиуми блиски до власта вчера објавија наводна изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, од средба со неговите најблиски соработници, во која тој ја споменува неговата смрт, како и смртта на неговите деца. Главната порака е дека и нивните гробови ќе се борат против „усташите“.

Нема потврда од Вучиќ дека навистина го кажал ова, но ако го кажал, опозицијата смета дека тоа укажува на тоа дека претседателот на државата „целосно изгубил разум“.

-Мислите дека ќе ми го скршат духот со закани дека ќе ме убијат? Дневно добивам по двесте вакви закни. Ајде, направи тоа веќе еднаш, олесни ми“, вели Вучиќ, алудирајќи на куклата на обесениот претседател на Србија што се појави на протестот во Белград.

Неколку часа подоцна, како што објавија дел од медиумите, се одржала средба меѓу Вучиќ и неговите најблиски соработници, на која тој наводно ги кажал следните зборови:

„Немам проблем да умрам, подготвен сум да бидам убиен, но никогаш и под никакви околности нема да му ја предадам власта на ѓубрето без борба, без избори! Никогаш и под никакви околности нема да се согласам на уцени, никогаш нема да ја предадам власта на најлошите без избори. Никогаш нема да потпишам никаква техничка или преодна влада! Ако ме убијат, брат ми Андреј ќе остане. Ако го убијат брат ми, мојот син Данило ќе остане. Ако ми го убијат синот, ќерка ми Милица ќе остане. Ако ја убијат, ќерка ми, ќе остане син ми Вукан. И нашите гробови ќе се борат против усташите“ – рекол Вучиќ.