Во Франција од денеска започнува укинување на дел од ограничувања за пандемијата на Ковид-19, само неколку часа откако „Фајзер/Бионтек“ најави дека ќе бара итно одобрување во САД за употреба на вакцината против Ковид-19 за деца на возраст од 6 месеци до 4 години.
Француските медиуми пренесуваат дека доколку Американската агенција за лекови (ФДА) даде зелено светло, тоа ќе биде дополнителна алатка за заштита од коронавирусот.
Во училиштата во Франција само 4 отсто од децата на возраст од 5 до 11 години се вакцинирани.
Претседателот Макрон рече дека сака, доколку трендовите останат како што се сега, во февруари и март да се олеснат мерките во училиштата. Тоа прашање денеска ќе се најде на дневен ред на штабот за борба против пандемијата.
Во пресрет на таа одлука, Французите од денеска повеќе нема да мора да носат маски на отворено, а работата од далечина веќе не се наметнува туку само се препорачува.
Од 16 февруари, диско клубовите, кои се затворени од 10 декември, ќе можат повторно да се отворат и повторно ќе бидат дозволени концерти.