Во Сребреница одбележана 31-годишнината од геноцидот над Бошњаците

Со солзи во очите, грутка во грлото и длабока тага, Када Хотиќ, една од преживеаните од геноцидот во Сребреница, се наврати 31 година наназад, потсетувајќи на теророт, силувањата, убиствата и страдањата што ги преживеале илјадници Бошњаци во јули 1995 година.

Со солзи во очите, грутка во грлото и длабока тага, Када Хотиќ, една од преживеаните од геноцидот во Сребреница, се наврати 31 година наназад, потсетувајќи на теророт, силувањата, убиствата и страдањата што ги преживеале илјадници Бошњаци во јули 1995 година.

Во геноцидот, извршен од силите на Војската на Република Српска под команда на меѓународно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ, беа убиени повеќе од 8.000 бошњачки мажи и момчиња.

За Хотиќ, секој ден претставува ново соочување со стравот, неизвесноста и болката што ги преживеала како млада жена, која во геноцидот изгубила повеќе членови од своето потесно семејство.

Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, порача дека трагедијата никогаш не смее да биде заборавена. Тој потсети дека и годинава во Меморијалниот центар во Поточари беа погребани посмртните останки на уште десет жртви, идентификувани по повеќе од три децении, и нагласи дека не смее да се дозволи негирање или релативизирање на геноцидот.

Пораки на сочувство до семејствата на жртвите и до граѓаните на Босна и Херцеговина упатија и претставници на Турција и Пакистан. Во Македонија, Денот на сеќавање беше одбележан со комеморативни активности во Општина Чаир, каде што министерот Беким Сали положи свежо цвеќе и порача дека геноцидот во Сребреница никогаш не смее да биде заборавен. По повод годишнината се огласи и Странката за демократска акција на Македонија, која во соопштение оцени дека злосторствата извршени во јули 1995 година претставуваат нераскинлив дел од колективната меморија на демократскиот свет.

Геноцидот во Сребреница, чиј центар на комеморациите е Меморијалниот центар во Поточари, беше извршен во јули 1995 година од припадници на Војската на Република Српска под команда на Ратко Младиќ. Злосторството се случи по падот на тогашната заштитена зона на Обединетите нации, додека мировните сили на УНПРОФОР не успеаја да ги заштитат цивилите. Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата ги квалификуваа овие злосторства како геноцид.