Владата денес треба да одлучи дали ќе се разрешат директорите на М-НАВ

Македонската Влада денеска ќе има седница, на која, како што беше најавено, ќе се носи одлука поврзана со состојбата во М-НАВ, меѓу кои и разрешување на целото раководство и ревизија за досегашното работење, откако минатата недела осум лица упаднаа во канцелариите на македонска навигација на скопскиот аеродром.

– На иницијатива на премиерот Димитар Ковачевски, во консултација со министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, а согласно состојбите во М-НАВ, на следната седница на Владата, закажана за вторник, 09.01.2024 година, за решение на постоечката ситуација ќе бидат предложени и донесени неколку одлуки – целото раководство и сите членови на Управниот одбор да бидат разрешени; да се отвори итна постапка за избор на нови членови на раководство и Управниот одбор во јавен, транспарентен и законски пропишан процес – се вели во соопштението на Владата од 4 јануари годинава.

Како што беше тогаш најавено, се очекува да бидат повикани Јавното обвинителство, ДКСК, Државниот завод за ревизија, Финансиската полиција и меѓународните тела за контрола на авио-сообраќај да направат целосна ревизија на досегашното работење на М-НАВ.

За инцидентот на 4 јануари во М-НАВ, Основното јавно обвинителство Скопје, како што соопшти отвори истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

Како што соопшти ОЈО, осомничените на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром Скопје, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.

– Со нивните дејствија тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години – се вели во соопштението од ОЈО.

Нападот се случи по прес-конференцијата на претседателот на Струковиот синдикат на контролори на летање (ССКЛ), Александар Тасевски, на која тој информираше дека дваесет до триесет контролори на летање и нивни помошници во Македонска навигација (М-НАВ) се очекува да почнат да поднесуваат оставки од раководните позиции во М-НАВ, како поддршка на синдикалните активности и реакции за последниот оглас за вработувања во оваа институција и однесувањето на менаџментот.

Претседателот на ССКЛ Тасевски, пак, по инцидентот, најави дека Контролата на летање ќе стапи во генерален штајк на 10 јануари доколку директорите во М-НАВ не си поднесат оставки или пак Владата не ги разреши, како што најави.