(Видео) Јакимовски: За идентитет и за јазик не разговараме, да го затвориме целиот т.н. „бугарски пакет“

„Политиката треба да ги тргне рацете од судството, имаме доволно стручни обвинители и судии, ако им оставиме тие да си ја работат работата без политички притисоци и медиумски хајки, тогаш полесно ќе се открива и казнува криминалот. Правдата ќе биде задоволена. Деновиве гледам Муцунски ја критикува работата на Академија на судии и обвинители, а пред неколку години неговата сопруга беше од таму избрана во судија. Може ли да прекинеме со таа практика да биде Академијата предмет на политичко-партиско пазарење. Мислам дека ако се тргне политиката од судско-обвинителските процеси, мислам дека ќе се врати довербата во правосудството. Судиите си ја знаат работата“ – вели претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски во најновото издание на Трилинг.

На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка?“ тoj вели „Мојата заложба е да го затвориме целиот т.н. `бугарски пакет`. Бугарите бараат да признаеме дека сме нација од 1944 и дека нашиот јазик е модифициран бугарски јазик и дека сите револуционери по род се Бугари. Јас велам, за идентитет не разговараме, за јазик не разговараме“.

Во врска со меѓуетничките односи во државата, тој вели „Барам мојата нација да не биде монета за поткусурување. Не напаѓам ниту една етничка заедница. Мислам дека сите заедно сме одговорни од тоа какви се резултатите од владеење на партиите. Една етничка заедница може да аздисува толку колку што другата ќе и дозволи. Имер Селмани преку 50.000 македонски гласови зема. Треба да се избере претседател на сите граѓани кој ќе води сметка подеднакво за сите етнички заедници“.