(Видео) Силјановска Давкова: Не мислам дека треба да се смени Уставот

„Ме чуди идејата за ветинг повторно да ја кажуваат оние кои во 2016-та повикуваа на ветинг. Имаше измени во законот за Судски совет. Има два модели, еден е генерален реизбор, или да се посегне по реевалуација. На позицииите на судии и јавни обвинители да се избираат најдобрите. Го знаете дебаклот со Судскиот совет, тој што треба да учествува во ова е фактор на криза. Мислам дека и досега можеше при секој избор и реизбор да се проверува минатото на кандидатите. Состојбата во судството ни е катастрофална. Јас сум за тоа да има реевалуација, тука мислам и на политичарите, и на професорите“ – вели претседателската кандидатка Гордана Силјановска Давкова во најновото издание на Трилинг.

На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка“ таа вели „Никогаш не им приоѓам на нештата како на догма, можно е со поинаква интерпелација да се стигне до целта. Не мислам дека треба да се смени Уставот“.

Во врска со меѓуетничките односи во државата, таа смета дека „Демократија без индивидуални граѓани не може да има. Треба да се почитуваат етничките права, но не може да имаат предност пред индивудуалните права“.

На прашање зошто се става акцент на тоа премиер Албанец, претседател Албанец, вели „Мислам дека тоа е поттикнато од лидерите, тогаш нивната моќ расте, тие се оние кои утврдуваат кој ќе биде кандидат. Рамковниот договор погрешно се интерпретира. Прва е стручноста и компетентноста“.

За тоа кои ќе бидат приоритетите на идниот претседател на државата, вели „Прв приоритет – правна држава, владеење на право, но и градење регионален пристап во процесот на проширувањето кон ЕУ. Преседаните што се случуваат во Македонија ќе продолжат и тоа може да го загрози процесот на проширувањето“.