(Видео) Пендаровски: Партија во која пола од раководството има бугарски пасоши се обиде со националистичка реторика да добие поени, и успеа

„Има сериозни забелешки, ЕК вели дека нема напредок во судството. Единствена пречка за продолжување со преговорите сега е промена на Уставот“ – вели претседателскиот кандидат Стево Пендаровски во најновото издание на Трилинг.

На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка“ тoj вели „Сега мора да чекаме на новиот Парламент и новата Влада. Не мислам дека е реалистично сега да се направат 2/3 кога беше јасно дека опозициските субјекти не сакаа да го направат тоа изминатите две ипол години. Дистрибуцијата на места во новиот Парламент ќе покажат дали може да има 2/3 пратеници кои мислат дека ЕУ е се уште најдобрата опција за државата“.

Во врска со меѓуетничките односи во државата, тој смета дека „Сведоци сме на билдање на етнонационализмот, тоа се случува како по правило во предизборен период, и во време на кампања. Оние кои се нарекуваат најмакедонска партија го велат тоа веќе 2-3 години. Партија која има корени и од истокот, партија во која половина од раководство и денеска има бугарски пасоши, се обиде со националистичка реторика да добие поени, и за жал кај дел од македонскиот народ тоа фати место“.

За тоа кои ќе бидат приоритетите на идниот претседател на државата, вели „Мислам дека прв приоритет е да продолжиме по патот на ЕУ, ќе направам сериозни разговори со оние кои ќе бидат тогаш во опозиција, или ако се сменат страните со тоа што ќе е власт. И до сега најголеми приговори имаше за преговарачката рамка. Треба да се разговара и со луѓето кои немаат аргументи на одредена тема, но се во позиција да носат одлуки“.