(Видео) Димитриевски: Кај Македонците е создадено чувство дека се граѓани од втор ред, повеќе од 20 години се случува ДУИ-зација

„Ветингот е еден вид амнестија на оние кои имаат сторено лошо дејствување. Никој не смее да биде амнестиран, секој треба да одговара“ – вели претседателскиот кандидат Максим Димитриевски во најновото издание на Трилинг.

На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка“ тoj вели „Зошто би била невозможна промена на преговарачката рамка за Македонија кога сме имале случаи и до сега, и со Србија и со Црна Гора има такви искуства. Мислам дека македонскиот политички блок треба да постигне апсолутен консензус, ако партиите се обединети, тогаш сериозно ќе бидат разбрани пораките кои одат од Скопје. Ние не сме народ кој постои од 1945, нашиот јазик е свој, со своја кодификација, имаме сопствена историја“.

Во врска со меѓуетничките односи во државата, тој смета дека „Политичката елита која е на власт манипулира со меѓуетничките односи, кај Македонците е создадено чувство како граѓани од втор ред. Фрустрирани се, повеќе од 20 години ни се случува класична ДУИ-зација, вечниот партнер во власта. Од друга страна има мал милион афери поврзани со нив. Ова е процес кој може да се негува, дојдете во Куманово да видите како. Оваа власт генерира биетничко општество. Децата ни се поделени, не се разбираат меѓу себе“.

За тоа кои ќе бидат приоритетите на идниот претседател на државата, вели „Ќе бидам претседател на сите граѓани. Досега ниту еден не беше, последните неколку беа претставници на политички партии, не смееја да преправат на одлуките кои доаѓаат од политичкиот врв на тој субјект. Јас би бил независен кој излегува по граѓанска иницијатива, би бил гарант за евентуални злоупотреби на власта. Во континуитет се девалвира улогата на претседателот на Македонија“.