„Ќе иницирам формирање меѓународен борд кој што ќе ги пресертифицира сите носители на јавни функции по две прашања: Дали имаат врска со рускиот интерес? и Дали се инволвирани во корупција? Секој кандидат за министер, директор, судија или обвинител ќе мора да помине низ филтрите на 32 земји членки на НАТО, САД и ЕУ за да го добие тој сертификат, а сертификатот ќе биде задолжителен“ – вели претседателскиот кандидат Бујар Османи во најновото издание на Трилинг.
На прашање „Како до уставни промени и внесување на Бугарите во преамбулата, ако е невозможна промена на преговарачката рамка“ тoj вели „Дополнувањето во Уставот е обид да се помести оската со дискурсот со Бугарија. Кој се противи на уставите измени, сака да ја врати бугарската перспектива. Нема алтернативи. Мојата цел е да ги соберам сите лидери во Вила Водно откако ќе станам претседател, на состанок кој ќе трае со денови, недели, месеци, се додека не постигнеме натпартиски консензус“.
Во врска со меѓуетничките односи во државата, тој смета дека „Меѓуетничките односи се столбот на стабилноста, на прогресот. Овие избори станаа битка меѓу два концепти, концепт на соживот и опозицискиот концепт на етничка нетрпеливост кој е најшовинистичкиот можен во една мултиетничка заедница“.
За тоа кои ќе бидат приоритетите на идниот претседател на државата, вели „Ќе иницирам нов Рамковен договор, тоа е за економски прашања. Доста е веќе со влади кои мислат дека се почнува со нив“.