Ветеринарите денеска на протест пред АХВ и Владата поради лошата состојба во секторот

Вработените во ветеринарно-здравствениот сектор денеска ќе излезат на мирен протест поради, како што велат, лошата состојба во секторот, недоволното финансирање и застојот во спроведувањето на превентивните мерки за заштита на здравјето на животните.

Протестниот собир ќе започне во 13 часот пред Агенцијата за храна и ветеринарство, а во 14 часот е најавено продолжување на протестот пред Владата.

Иницијативата е на докторите по ветеринарна медицина од ветеринарните амбуланти и клиники кои ги спроведуваат превентивните мерки на терен, со поддршка од Ветеринарната комора на Македонија.

Ветеринарите укажуваат на недоволните буџетски средства за здравствена заштита на животните, особено во последните две години, како и на несоодветниот институционален третман на нивната професија.

Од Ветеринарната комора предупредуваат дека доцнењето на превентивните мерки го отежнува навременото откривање и спречување на болестите кај животните, што може да има последици врз сточарството, прометот со животни, безбедноста на храната и јавното здравје.

Оттаму бараат итно продолжување на активностите на терен, обезбедување соодветно финансирање и системски решенија за редовно спроведување на превентивните мерки. Сите барања изнесени на протестот ќе бидат доставени до надлежните институции.