Брнз: Нам ни е важно С. Македонија и цел Западен Балкан да се придвижат кон безбедна Европа

„Владеењето на правото е основа за сите демократски институции, за економскиот просперитет и најважно за безбедноста.Тоа е основен фактор што гарантира дека се исполнуваат потребите на граѓаните. Со нашите програми и канцеларии тука се трудиме да ја поддржиме владината агенда за примена на владеењето на правото, особено напорите за гаранција на независноста и функционалноста на судството“. Овамеѓудругото вчера го истакна амбасадорката на САД во земјава – Кејт Мари Брнз за тв21.

„Сметам дека не постои само една пречка за напредокот, туку дека системот е отворен и ранлив на повеќе места. За да бидете успешни, мора да се нападне секое ниво на институционалните структури и на системот. Тоа значи дека е потребна комбинација на промовирање на транспарентност, да им се прикаже на граѓаните и на гласачите што всушност се случува. Северна Македонија има потреба од систем на одговорност. Ова се однесува на структурата на судството, но и на личностите кои се на одредена функција. Тие личности мора да бидат квалификувани за нивните позиции и мора да сносат одговорност за работата на тие позиции“ – вели амбасадорката.

Таа посочи дека итно мора да се завршат случаите покренати од поранешното Специјално јавно обвинителство, да се обработат во системот и да се види правда во тие случаи.

„Сметам дека искуството и особено тоа што уште има случаи од поранешното СЈО кои се во системот, покажува дека луѓето сакаат правда. Сакаат случаите да поминат низ системот, да бидат обработени од способни професионалци, без политичко мешање и со конечно решение со кое ќе се одреди одговорноста за криминалот што ќе се докаже дека бил извршен“ – вели Брнз.

Треба да се премине на отворање на пристапните преговори со Европската Унија и Северна Македонија да напредува од сите аспекти, порачува Брнз.

„Влегувањето на Северна Македонија во НАТО беше голем исчекор и веќе ги гледаме резултатите од тој потег на терен. Затоа нам ни е важен и следниот чекор, Северна Македонија и целиот Западен Балкан да се придвижи кон единствена, безбедна Европа. Тоа значи интеграција во евроатлантските институции. Мислам дека зборувате за вистинската фрустрација, која и јас ја слушам, зашто процесите не се одвиваат доволно брзо“ – рече Брнз.

Според неа, едно нешто што се потенцира во моментов е потребата, како што вели, повторно да се придвижат тие процеси, да се забрзаат напорите и да ја видиме Северна Македонија целосно интегрирана.

„Треба да преминеме на отвoрање на преговорите со Европската Унија и да напредува од сите аспекти за не само да се усогласи со институциите на ЕУ, туку и да се остварат аспирациите кои граѓаните ги имаат долго време… Очигледно на граѓаните на Северна Македонија им треба исчекор, не им се потребни дополнителни назадувања. САД уште од почетокот беа многу јасни. Го поддржуваме влезот на Северна Македонија во ЕУ“ – вели американската амбасадорка.