Кривокапиќ: Малцинска влада е многу несериозен и ризичен експеримент!

„Малцинска влада во суштина е многу несериозен и ризичен експеримент“ изјави црногорскиот премиер во заминување – Здравко Кривокапиќ. Тој во интервју за „Дан“ вели дека не се знае кој ќе учествува во таквата влада, ниту дали има дефинирана агенда за внатрешна и надворешна политика.

„Доколку зависи од поддршката на ДПС, таквата влада ќе биде на контролниот далечински управувач на оваа партија, што значи дека рокот на нејзиното траење зависи исклучиво од волјата на овој субјект кој загуби на последните парламентарни избори“ – изјави Кривокапиќ.

Тој најави дека ќе го поддржи политичкото движење чиј приоритет е подобрување на квалитетот на животот, афирмацијата на владеењето на правото и јасната определба за борба против сите форми на корупција. Кривокапиќ рече дека нема комуникација со вицепремиерот Дритан Абазовиќ.

„Иако Владата редовно одржува седници, во согласност со Уставот, актуелниот вицепремиер одамна не се појавува на нив, иако се носат многу важни одлуки, кои влијаат на секојдневието на граѓаните на Црна Гора. Од друга страна, не сакам да придонесам за некаков ќор-сокак со одговорните министри, како на внатрешно-политички план, така и на надворешнополитички план“ – рече Кривокапиќ.