Американскиот државен секретар Антони Блинкен во средата најави помош во вредност од повеќе од 700 милиони долари за Украина во војната против Русија, за време на посетата на Киев заедно со неговиот британски колега Дејвид Лами.
Американската помош вклучува 325 милиони долари за енергија и речиси 290 милиони долари хуманитарна помош, рече Блинкен на прес-конференција.
Блинкен и Лами пристигнаа во Киев во средата на серија состаноци со високи претставници на украинската влада во клучниот момент од војната против Русија.
Блинкен рече дека сака директно да слушне од украинскиот претседател и други официјални претставници кои се целите на Киев во војната и што може да направи Вашингтон за да помогне во нивно остварување.
Тој, исто така, рече дека САД „итно“ работат на воените барања на Украина, која особено сака да може да удри длабоко во руска територија.
„Ние работиме итно за да обезбедиме Украина да го има она што и е потребно за ефективно да се брани“, рече Блинкен, додавајќи дека американскиот претседател Џо Бајден и британскиот премиер Кир Стармер треба да разговараат за тие барања во петок.
Зеленски ги замоли западните земји да достават ракети со поголем дострел и да ги укинат ограничувањата за нивната употреба за Украина да може да погоди цели како што се воените аеродроми длабоко во руската територија.
Американските функционери се претпазливи од таквиот потег поради стравот да не предизвика директна конфронтација меѓу Западот и Русија, но американскиот претседател Бајден сугерираше дека има простор за компромис.