Битиќи: До крај на година ДДВ-то за струјата останува 5%

„Данокот на додадена вредност (ДДВ) за електричната енергија до крајот на годината ќе остане пет отсто“.

Ова денеска од Велес го порача вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој рече дека сега не може да се каже колкаво ќе биде евентуалното поскапување на струјата затоа што се уште се прават калкулациите за менување на тарифникот кој ќе биде праведен и правичен, според потрошувачката.

Со новиот модел на тарифирање најранливите категории граѓани ќе бидат заштитени – смета Битиќи и напоменува дека за стопанството се предвидени 67 милиони евра поддршка.

„Во овој момент се прават сите калкулации на менување на тарифникот и тарифата на дефинирање на цената на електричната енергија. Секако, најранливите категории граѓани ќе бидат заштитени со новиот модел на тарифирање. Тие што се најранливи, ќе плаќаат најмалку – тоа нема да значи можеби зголемување, туку намалување на тарифата за најпогодените. Наскоро ќе го видиме моделот. Ќе се направи праведно и правично тарифирање на електирчната енергија, според потрошувачката. Ние сме кажале и стоиме на тоа дека не може и тие кои се на регулиран пазар, а се големи потрошувачи да плаќаат иста, субвенционирана цена како секој друг граѓанин“ – рече Битиќи по посетата на фабриката „Брако“.