Бислимоски: Граѓаните да го отчитаат броилото и да ја пријават состојбата, ЕВН Хоме мора тоа да го фактурира
„Сите апокалиптични сценарија и најави дека цената на електрична енергија за домаќинставата ќе се зголеми до 50 проценти или ќе има рестрикции не се остварија. Цената се корегираше за 9,48 проценти, а рестрикции нема“. Ова го вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.
Бислимоски рече дека во изминатиот период РКЕ посредуваше во решавање на проблемите на граѓаните кои пријавиле дека добиле несоодветни високи сметки за електрична енергија.
„Станува збор за несоодветно отчитување. Затоа самите граѓани можат да превинираат и да си го отчитаат броилото и состојбата да ја пријават. ЕВН Хоме е должен да фактурира по состојбата што граѓаните ја пријавиле со самоотчитување“ – рече Бислимоски.
Бислимоски посочи дека РКЕ во последните три години е оценета за број еден регулатор од страна на Енергетската заедница. Во извештаите, како што рече, е оценета дека го има потврдено кредибилитетот и независноста со тоа што РКЕ има покажано највисока експертиза, стандарди, посветеност и способност да се спротистави на потенцијалните влијанија врз независноста.