Рама: Немаме материјална моќ, но нашите вредности ќе ги донесеме во ОН!

Албанскиот премиер Еди Рама пред членките на Советот за безбедност на ОН не ги скри емоциите на приемот организиран за Албанија во Њујорк, велејќи дека привремениот мандат во овој Совет не е само достигнување за неговата земја, туку, е остварување на сонот во неговата политичка кариера.

„Само нескротлива имагинација би имала храброст да сонува за такво нешто пред само три децении. Дури и се сомневам дека и најнескротливата имагинација не можела да биде толку разуздана за да сонува за ова пред три децении. Во тоа време Албанија беше бункер во темнина. Речиси половина век таа ползеше под еден од најугнетувачките комунистички режими во Европа, што ја направи нашата земја, морам да кажам, Северна Кореја во Европа“ рече Рама.

Премиерот Рама ја покажал скромноста на моќта на неговата земја пред големите сили.

„Ние не носиме материјална моќ во Советот за безбедност, барем не сега, но моќта не е она што му недостига на Советот за безбедност. Посветени сме на внесување на нашиот глас, вредности и норми во заедничката работа на Советот за безбедност, како придонес за мирот. Сакаме да ги споделиме со другите искуствата што сме ги преживеале, научените лекции“ рече Рама.

Во својот говор, албанскиот премиер ја истакна задачата на неговата земја во тешките моменти за целиот свет.

„Ги отворивме нашите домови и срца за оние на кои им треба спас и засолниште; било да се Евреи за време на холокаустот, или за половина милион Косовци кои бегаа од етничкото чистење на суровиот режим на Слободан Милошевиќ или илјадниците членови на МЕК кои се засолнија во Албанија и, неодамна, илјадниците Авганистанци кои избегаа од талибанската репресија“ – посочи Рама.