Бајден смета дека се уште постои можност за руски напад врз Украина

Претседателот на САД – Џо Бајден вели дека САД и нивните сојузници „ќе ја продолжат дипломатијата“ со Русија, но предупреди дека се уште постои „голема можност“ за руска инвазија врз Украина.

„САД се подготвени, што и да се случи. Ние сме подготвени со дипломатија, да се вклучиме во дипломатија со Русија и нашите сојузници и партнери за да ја подобриме стабилноста и безбедноста во Европа како целина. И ние сме подготвени одлучно да одговориме на руски напад за Украина, што се уште е голема можност. Сите настани од последните неколку недели и месеци, тоа беше нашиот пристап и останува наш пристап сега“, рече претседателот на САД.

„Се уште немаме потврдено дека руските воени единици се враќаат во своите матични бази. Навистина, нашите аналитичари укажуваат дека тие остануваат во многу заканувачки став“ – смета Бајден.

Тој рече дека САД не ги потврдиле руските тврдења дека некои воени единици распоредени долж украинската граница ги завршиле вежбите и се вратиле во своите бази и нагласи дека американските аналитичари веруваат дека 150.000 војници што Москва ги собрала долж нејзината западна граница се уште можат да извршат напад по кратко известување.

Доколку Русија изврши инвазија, предупреди тој, САД се „подготвени да тргнат“ со  санкции. Сепак вели „треба да и дадеме на дипломатијата секоја шанса да успее“.

„Ако Русија навистина изврши инвазија во наредните денови и недели, човечката цена за Украина ќе биде огромна. А стратешкиот трошок за Русија исто така ќе биде огромен. Ако Русија ја нападне Украина, ќе наиде на огромна меѓународна осуда. Светот нема да заборави дека Русија избра непотребна смрт и уништување“ – рече Бајден.