Беловски: Собранието и пратеници се неми на нашите барања и ни преостанува да преминеме на отворен протест

Претседателот на ССНМ Павле Беловски во врска со нападите врз новинарите зачестите и бројката од четири физички напади, смета дека сето тоа оди на контото на пратениците.

– Ова го велам одговорно, зошто во 2017 изработивме иницијатива како да го решиме проблемот со нападите врз новинарите, а тоа е единствено преку казнивост на овие дела. Законските измени во кривичниот законик се во Собранието од август минатата година. – вели Беловски.

Ние немаме повеќе алатки и нашите зборови не стигаат до пратениците да се стави законот на пленарна седница и да дојде на дневен ред и нападите на новинарите да се третираат како напади врз службени лица и напаѓачите да се соочат со затворски казни до три години, вели Беловски.

– Сите наши укажувања не се усвоени, Собранието и пратеници се неми и ни преостанува да преминеме на отворен протест. Или да формираме наш политички субјект и сами да се бориме за нашите права како Партија на тепани медиумски работници. – вели Беловски.

Вели дека нема да се оди на медиумски мрак, туку на протест за да конечно во Собранието се слушнат и прифатат нивните барања.