Бектеши: Ќе имаме година на економски бум ако се надмине енергетската криза

„2022-ра година ќе биде рекордна во делот на капитални инвестиции и ќе имаме економски бум доколку во првиот квартал се надмине енергетската и економската криза“. Ова е пораката на министерот за економија Крешник Бектеши.

„Предлогот на министерот за финансии Фатмир Бесими е 14,5 отсто од Буџетот да се искористат за капитални инвестиции и затоа најверојатно ќе биде година на економски бум ако во првиот квартал се надмине енергетската и економската криза“ рече денеска Бектеши.

Тој посочи дека во делот на економијата најверојатно многу лесно ќе се усогласиме на меѓувладината седница што во вторник ќе се одржи во Софија.

„Во делот на економијата, трговијата, енергијата ги направивме сите подготовки. Ќе одиме во понеделник, вторник во Република Бугарија со конкретни предлози и конкретни договори и меморандуми што би ги потпишале. Ќе ја слушнеме и нивната страна кои се нивните предлози и најверојатно во делот на економијата можеме многу лесно да се усогласиме“ – рече Бектеши.