Бектеши: Туристичките места ќе можат да работат и во недела!
„Измените и дополнувањата на Законот за трговија се поднесени во Собрание, а се однесуваат на одредбите во однос на недела неработен ден, со што ќе се дозволи да се работи и во недела во туристичките места, вклучувајќи ги Охрид и Струга, и во трговија на мало и на големо. Се очекува најкасно за две недели да почне примената на новото, изменето законско решение“.
Ова денеска од Охрид го порача министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој посочи дека целта е „сите стопанствениците да имаат поголема можност во делот на зголемување на економската активност, имајќи ги предвид, рече, податоците за првите месеци, посебно во првиот квартал во делот на зголемување на туристите и тоа што е најавено во текот на летото кога има резервации, како и согласно сите податоци што ги има Агенцијата за туризам за странски туристи кои ќе ја посетат Северна Македонија, посебно регионот на Охрид и на Струга“.
„Министерството за економија и Владата ќе продолжи со мерки за поттикнување и на домашниот и на странскиот туризам. За мерките со ребалансот сме предвиделе 15 милиони денари и ќе продолжиме со мерката за доделување ваучери за вработените со ниски приходи и на тој начин да го зголемиме бројот на домашни туристи. Секако дека ќе продолжиме и со другите мерки што ги спроведува Агенцијата за туризам и со чартер летови и да поттикнеме што повеќе странски туристи да го посетат овој регион“ – изјави министерот за економија.
Бектеши рече дека за туристичките места тоа ќе важи за целата година и ќе се одреди согласно одредбите кои веќе ги има во Законот и согласно Законот за туристичка дејност.
„Дуќанџиите нема што да се плашат, ние тоа сме го ветиле и во Законот за работни односи и Законот за трговија во делот на недела неработен ден и кога беше усвоен беше најавено дека во туристичките места ќе може да се работи и во недела во зависност од сезоната. Ние сега даваме простор да биде преку цела година во зависност од тоа како ќе бидат и барањата, но ќе имаме поголем простор за да можеме да одлучуваме“ – рече Бектеши.