
Димитар Апасиев, и лидер на Левица, соопшти дека поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Скопје против службени лица во Државната комисија за спречување на корупцијата, како и против ДКСК како правно лице.
Од документот што го објави Апасиев се гледа дека пријавата е поднесена против Весна Донева, Севим Мустафа, Славко Ѓорѓески и Фарие Јашари, наведени како членови на Прекршочната комисија на ДКСК, како и против Катица Костовска, за која во пријавата е наведено дека има „непознат внатрешен статус во ДКСК“.
Како основ во кривичната пријава се наведуваат „неизвршување на судска одлука“, казниво според член 377 став 4 од Кривичниот законик, и „расна и друга дискриминација“, според член 417 став 1, за кои Апасиев наведува дека се сторени во идеален стек.
„Јас си стојам на зборот. Па затоа, денес поднесов нова кривична пријава за ‘неизвршување судска одлука’ против членовите на Прекршочната комисија при Антикорупциска“, објави Апасиев.
Тој тврди дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација претходно утврдила директна дискриминација врз него врз основа на политичка припадност, поврзана со, како што наведува, ускратување на правото на учество во постапката и правото на правен лек.
Апасиев дополнително наведува дека тричлен совет на Управниот суд го поништил решението на Прекршочната комисија, но дека членовите потоа повторно донеле исто решение.
Пратеникот најави дека нема да застане со кривичната пријава. Според неговата објава, следно ќе поднесе и тужба за отштета, а најавува и иницирање дисциплинска постапка поради, како што тврди, непочитување на задолжителните напатствија на Управниот суд.