Амандманската расправа за ребалансот на буџетот продолжува утре

Во Собранието попладнево на седницата на Комисијата за финансирање и буџет продолжи амандманската расправа за ребалансот на буџетот за оваа година. Ова е деветти ден од амандманската расправа, која ќе продолжи утре во 11 часот.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку предложените амандмани се обидува, како што рекоа, во повеќе области да ги придвижат работите во корист на граѓаните и на стопанството. За разлика од нив владејачкото мнозинство е со став дека проектираната калкулација ќе обезбеди инвестициски циклус и заштита на стандардот на граѓаните.

Членовите на Комисијата денеска разгледаа 50 амандмани, но ниту еден не беше прифатен. Амандманите најмногу се однесуваа на земјоделството, хидросистеми, канализација и комунални мрежи.

Поднесени се вкупно 204 амандмани, од кои над 170 од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, 28 на Алијанса на Албанците и два од парламентарното мнозинство.

Согласно Деловникот за работа, амандманската расправа трае десет дена и се очекува да заврши утре.