Со девет пожарникарски возила и со 22 пожарникари се гаснеше пожарот кој попладнево нешто по 17 часот избувна во поранешната фабрика „Жито Битола“ на јужната страна во градот под Пелистер. По четиричасовна борба со пламените јазици, пожарот бил ставен под контрола, а силосите со жито не биле зафатени.
Од Територијалната противпожарна единица во Битола информираа дека нивна екипа веднаш интервенирала, а по согледувањето на сериозноста на пожарот активиран е целиот потенцијал со кој располагаат.
Две лица биле присутни во објектите кога избувнал пожарот во мелничко- пекарскиот капацитет „Жито Битола“ во Битола, но информациите се дека тие навреме успеале да избегаат.
По добиените информации за пожарот во поранешна „Жито Битола“ реагирал и градоначалникот Тони Коњановски. Тој потврди дека ги контактирал сите надлежни служби за брза интервенција, а разговарал и со министерот во Министерството за внатрешни работи – Оливер Спасовски.
„Важно е што нема повредени лица. Мобилизирани се сите пожарникари, а побаравме помош и од соодветни екипи на РЕК Битола. Разговрав и ги информирав ЦУК, министерот Оливер Спасовски, како и колеги од соседните градови да помогнат доколку пожарот ги зголеми размерите“ – рече Тони Коњановски.
Со соопштение излегоа и од СВР-Битола од каде информираат дека на терен се излезени и полициски службеници за координирање на сообраќајот и јавниот ред во тој дел на градот.
„До сега нема пријава за повредени лица. Полициските службеници во координација со територијалната противпожарна единица Битола интензивно преземаат мерки за гасење на пожарот“ – соопштија од СВР-Битола.
Превентивно, во овој дел на градот исклучена е електричната енергија.