Актерката Маја Андоновска Илијевски ги отвори старите албуми: Вака изгледаа снимањата со Гоце Тодоровски

Македонската актерка Маја Андоновска Илијевски со емотивна објава на социјалните мрежи се прости од легендарниот актер Гоце Тодоровски, кој почина на 75-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја растажи македонската јавност, а бројни колеги, пријатели и почитувачи се простуваат од човекот кој остави длабока и препознатлива трага во театарот, филмот и телевизијата.

Македонската актерка Маја Андоновска Илијевски со емотивна објава на социјалните мрежи се прости од легендарниот актер Гоце Тодоровски, кој почина на 75-годишна возраст. Веста за неговата смрт ја растажи македонската јавност, а бројни колеги, пријатели и почитувачи се простуваат од човекот кој остави длабока и препознатлива трага во театарот, филмот и телевизијата.

 

Маја имала можност да застане пред камера со Тодоровски за време на снимањето на „Македонските народни приказни“, период што и денес го памети како еден од најубавите во својата кариера.

„Имав чест да застанам пред камера со Гоце Тодоровски, снимајќи ги ‘Македонските народни приказни’, за кои секогаш велам дека ми се дел од најубавите спомени“, напиша таа.

Фотографиите што ги сподели се вистинско враќање во едно друго време. На нив се гледа целата екипа облечена во раскошни костими, во амбиент со црвени завеси, старински мебел, круни и реквизити, како сцена извадена од некоја стара дворска приказна. Во дел од кадрите Маја и Гоце седат еден покрај друг во улоги, сериозни пред камерата, додека на други фотографии позираат насмеани со останатите актери.

Особено топла е фотографијата на која Маја, Гоце и дел од екипата се прегрнати и насмеани. Зад костимите и сценографијата се чувствува блискоста меѓу колегите, но и леснотијата со која се создавале приказните што со години ги гледаа повеќе генерации.

„Денови исполнети со разговори, хумор, искрено смеење и моменти што засекогаш остануваат во срцето“, напиша актерката, опишувајќи го Тодоровски како актерска легенда, но и како прекрасен човек.

Таа потсети дека големите уметници продолжуваат да живеат и откако ќе заминат – преку улогите, спомените на колегите и љубовта на публиката.

„Некои луѓе не заминуваат целосно. Остануваат во своите улоги, во спомените на колегите и во љубовта на публиката. Летај мирно, Гоце, ми беше чест“, напиша Маја.

Со неговото заминување, македонското глумиште изгуби голем актер, но ликовите што ги создаде ќе останат дел од колективната меморија.