Александар Бежовски: ДА (НЕ) СЕ СПРЕМАМЕ ЗА „КВИЦКАЊЕ“?!?!

Предвидувањето на претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски дека медиумите кои што зазеле страна пак ќе „квицкаат“ како за време на режимот, за која што изјава мораше да се извини на „муцињата“ од ЗНМ, многу бргу се оствари со апсењето на новинарот Фуркан Салиу.

Фуркан, објави сторијата за ширење на лажни вести на неговиот портал врз основа на документ насловен како „Оперативен план од Републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ“, креиран токму од ширачите на лажни вести и „расипани“ продавачи на автомобили, сертифицирани од ЕУ и САД.

Фуркан најави објава на уште документи повразани со скандалот, а веќе наредните денови како што видовме на снимките беше брутално уапсен на фудбалски натпревар под наводи на МВР дека нападнал специјалци и дека носел пиштол со себе. Подоцна ништо од тоа не се покажа точно, а ги немаше и најавените снимки од техничкиот министер.

Со постапката на апсење на новинарот, МВР и техничкиот министер на ВМРО-ДПМНЕ, Панче Тошковски демонстрираа дека режимот е жив, дека партијата не се реформирала после многуте судски постапки и пресуди за нејзини високи функционери и по демисијата на Груевски и секако ни демонстрираа дека има се уште постојат поединци, вработени во МВР, партиски војници од тефтерчињата на Горде и Сашо кои што со задоволство чекаат команда за повторно да го практицира режимот.

Министерот Тошовски, наместо вешто, политички да се извлече и оправда за настанатата ситуација со образложение дека ќе се испита случајот од страна на внатрешната контрола на МВР, дека дополнително ќе излезе со соопштение во наредните денови кога ќе деескалира ситуацијата.

Спротивно на сето тоа, тој лично, самиот ја ескалираше ситуацијата со неговото лично „влошување“, влегувајќи во дуел со новинарот Салиу кога на прес-конференција пред медиумите го нарече лажго, а наредниот ден беше фатен како излегува од ПС Гази Баба и немаше одговор што бара таму?!

Извори од МВР, говореа дека после увидената грешка во постапката за преглед на автомобилот на Фуркан и во еуфорија и брзање, побрканите постапки и термини за „претрес и преглед“ за кои што и самиот Тошковски беше збунет пред медиумите, МВР со неколку денови задоцнување поднесе кривична пријава за Фуркан Салиу, но за сторено кривично дело спречување службено лице во вршење службено дејствие, но не и напад врз службено лице и носење на оружје.

На вакви филмови и манипулации во рамките на „Уставот и Законот“ бевме сведоци секојдневно цели 11 години за време на режимот на Груевски!!!

Гимнастиката со опишаното дело во кривичната пријава и целосното, непотребно инволвирањето на техничкиот министер во кривично правниот настан, едноставно и пластично го потврдува предвидувањето на Ковачевски дека не само новинарите, туку и сите неистомисленици ќе „цвикаат“ доколку се случи реставрација на режимот.

За жал, постои голема опасност сите ние повторно да „цвикаме“ уште најмалку 4 години, надвор од европската агенда во обид Мицкоски да ја „врати гордоста со Гордана“, односно да го реставрира режимот како во „добрите“ стари времиња и манирите на Груевски, братучедот и режимските слуги на чело со Мартин Протуѓер, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески!

Да се потсетиме, дека како што го срушивме режимот со пенкало, така може и да го вратиме истиот режимот назад, повторно со пенкало, а потпомогнато со „лажни вести“ и закани.

За многуте закани кон неистомислениците слушаме и гледаме секој ден со реченицата „ќе видите после 8 Мај!!!“

На таквите закани, јавно најмногу се жалат, на својот подкаст, Мичо и Мечка, а Фуркан заканиве ги доживеа практично, порано од 8ми Мај..

Секако зачудува и молкот на техничкиот премиер Талат Џафери околу целиот настан, но овој настан секако дека оди во прилог на ДУИ, кои што очигледно суптилно сакаат да порачаат до Албанците дека доколку не се со нив ќе бидат во немилост на ДПМНЕ, а нели и Артан Груби тврдеше дека имало барање од Мицкоски, да се напаѓаат по етничка основа за да им расте рејтингот, обострано?