Адвокатите на Мијалков: Гаранцијата е спроведена, а нашиот клиент се уште е во притвор

Адвокатот Звонко Давидовиќ денеска на прес-конференција изјави дека „Апелацискиот суд направи проценка на сите околности по опасност од бегство и Кривичниот совет требаше да го спроведе решението за нашиот клиент да излезе. Во овој момент имаме гаранција која е спроведена и не можеме да ја избришеме, а имаме неправосилно решение на Основниот суд, но нашиот клиент е во затвор и се брои решението на Основен суд – нешто што го нема ниту во африканска земја“.

Тој е еден од бранителите на Сашо Мијалков и посочи дека решението на Апелациониот суд е правосилно, за разлика на тоа од Основниот суд.

„Зошто сметаме дека е по порачка решението. Затоа што министерот за правда направи голем притисок, каде што сервилното Обвинителство постапи и клиентелистичкиот Суд донесе решение. Овој пат реагиравме, затоа што решението беше под притисок на извршната власт и затоа што Апелацискиот суд направи проценка на сите околности по опасност од бегство. Ништо за тие четири часа не можеше да се смени, а Кривичниот совет го имаше решението, но под притисок на извршната власт, координирани со Обвинителството дадоа барање на кое Судот експресно одговори и донесе решение со кое, буквално плука по Апелацискиот суд“ рече Давидовиќ.

Адвокатот Љупчо Шврговски тврди дека „министерот во заминување“ изнел тврдења со кои што директно го повредува правниот дискурс и го подрива она за што треба да се грижи – уставниот принцип за поделба на власта.

„Министерот за правда не е дел од некаква естрада за да искажува мислења на Фејсбук. Со своето однесување, тој го повреди уставниот принцип. Нејасно е како министерот можел и од каде ги добил информациите, за тоа кој судија како гласал. На овој начин одбраната доаѓа до заклучок дека министерот имал линк со некој од судиите кои што го информирале, кршејќи ги одредбите од ЗКП“ рече Шврговски.

Тој го повика јавниот обвинител по допрен глас да ги истражи сите наводи изнесени од министерот, да оформи предмет и да донесе соодветна одлука.

И адвокатот Петар Василев посочи дека Судот вовел негативна пракса, каде се бара притвор без никакви аргументи и без да се сослуша одбраната и самиот тој во врска со навдоите за бараниот притвор.

„И во првиот и во последниот случај, ниту одбраната, ниту Мијалков, бевме повикани пред Судот, иако е тоа законска обврска и на Судот и на Обвинителството да ја повика одбраната и самиот човек на кого се однесува барањето за определување мерка. Во последниот случај, иако ние како одбрана бевме во Судот, не бевме повикани да ни се образложи предлогот и од тие причини има скандалозни и небулозни барања од Обвинителството“ рече Василев.