
Автобус со 35 лица излетал од автопат и се превртел во Хрватска
Според првичните информации, во возилото се наоѓале 33 патници и двајца возачи. Во несреќата има повредени и загинати лица, но засега не е соопштен точниот број на загинати.
Тешка автобуска несреќа со смртни последици се случила на автопатот А3 во Хрватска, каде што автобус излетал од патот и се превртел на делницата меѓу Иваниќ-Град и Загреб.
Според првичните информации, во возилото се наоѓале 33 патници и двајца возачи. Во несреќата има повредени и загинати лица, но засега не е соопштен точниот број на загинати.
Дел од повредените лежеле на тревата, покриени со ќебиња, додека спасувачките екипи им помагале. Од силината на ударот била оштетена заштитната ограда, а автобусот останал превртен на едната страна.
Командирот на противпожарните служби на Загрепската жупанија, Дарио Кезериќ, потврдил дека автобусот се превртел и дека на местото се присутни сите надлежни служби.
Хрватскиот автоклуб информира дека несреќата се случила на 61 километар од автопатот А3, меѓу клучките Иваниќ-Град и Ругвица, во правец кон Брегана. Сообраќајот во тој дел се одвива по една лента, со ограничување на брзината од 60 километри на час.
Причините и околностите за несреќата сè уште се утврдуваат, а се очекуваат официјални податоци за бројот на загинатите и повредените.