Аврамовски: Кај судиите и обвинителите владее феноменот на отфрлање, наместо на преземање на одговорност!

По најновата смена во Судскиот совет, трета смена за половина година, сега претседател е Сашко Георгиев со најави дека судот ќе е транспарентен.

Експертите бараат колективна оставка на сите членови на Судскиот совет по низата незаконитости.

„Во оваа ситуација најсоодветен излез е токму членовите на Судски совет да си поднесат оставки. Тие самите донесоа низа незаконски одлуки, најсоодветно е самите да си поднесат оставки“ – вели Дарко Аврамовски – директор на Коалиција за правично судење во најновото издание на Трилинг.

Аврамовски смета дека „имаме применето неколку модели за организација на судии, но се покажа дека секој од тие системи може да биде злоупотребен. Треба многу сериозно да се размисли ако се промени законскиот модел и воведување можност за одговорност на членовите на Судскиот совет. На тапет е целиот правосуден систем, ако се знае дека судската власт е еден од гарантите за почитување на законите, ако се земе предвид дека Судскиот совет е највисокиот орган, а тој има серија незаконски постапувања, со тоа се уништува довербата и во останатиот дел од судскиот систем“.

На прашање зошто до судиите и обвинителите не допираат силните критики за неажурност на судството, за застарување на делата, Аврамовски вели „затоа што владее чуден феномен на отфрлање, наместо на преземање на одговорност. Многу често гледаме како сите се обидуваат да се изземат од одговорност. Загрижувачко е што не допираат овие пораки до оние до кои треба да допрат најмногу. На толку критики во Судскиот совет, тие се уште велат дека треба да им дадеме шанса“.

„Судскиот совет не гледа проблем во своето постапување, туку гледа проблем во тоа што јавноста може да го види тоа незаконско постапување“ вели Аврамовски за одлуката за забрана за снимање на седниците на Советот.