Кокаланов: Живееме во диктатура на хумор, денешниот свет се претвори во еден тип на тиранија

Со драматургот разговараше Марија Димишкова

„Веќе не е ни смешно“ е црната комедија за која се бара билет повеќе во Театар комедија. Преовладува смеа и позитива додека се гледа претставата, но подоцна доминира гневот.

„Во текот на претставата добивме чувство дека претставата ќе е еден вид социјален експеримент. До дваесетиот аплауз на отворена сцена броевме. Дали публиката на крај излегува со свест дека се она на што се смееме денес можеби не е смешно – мој впечаток е дека кај поголем дел од луѓето ефектот е постигнат“ вели драматургот Сашо Кокаланов кој вели дека малку е изгубена границата меѓу смеењето и исмевањето.

Кокаланов вели „сакавме да истражиме што денес на човекот му е смешно. Хуморот денеска воопшто не е дозиран, се загубија дозерите. Кога сте 24 часа имате медиум ваш – профил на социјална мрежа, мерката сте си самиот. За што го користам тој медиум? Се претвори овој денешен свет во еден тип на тиранија, не сакавме да истражиме од кај е тој порив. Смеење кое се претвара во исмевање. Не постои таа тенка линија која постоела“.

„Живееме во диктатура на хумор, на собранискиот канал ретко залутувам, но гледам некој пратеници кои се обидуваат да бидат духовити. За цинизам, најинтересна дефиниција, тој е ѓубре од човек што од некои свој причини го гледа искривено светот таков каков што е. Ако е тоа цинизам, не го гледаме светот таков каков што е. Тоа што го гледаме во политиката е банализирање на хуморот. Има две големи партии, се обвинуваат за тежок криминал, гледате гатанки, хумор, а не гледате институции кои се бават со криминалот“ вели Кокаланов.

Драматургот вели дека новинарската кариера ја заменил со новиот порив, драматургијата, страст која ја пригушувал долги години.

„Фалат драми, фалат сценарија. Постои дефицит волја да им се даде шанса на младите драматурзи“ смета тој.