„Ѓоковиќ може да ја напушти Австралија кога ќе посака, тој не е во заробеништво“

Карен Ендрјус – министерката за внатрешни работи на Австралија за „Еј-би-си“ вели дека Новак Ѓоковиќ може да ја напушти Австралија кога ќе посака. Таа ги отфрла обвинувањата на родителите на тенисерот дека австралиската Влада го држи во заробеништво.

„Ѓоковиќ не е заробеник во Австралија. Тој може да ја напушти земјата во секој момент кога ќе посака, а нашите гранични служби ќе му помогнат во тоа“ вели Ендрјус.

На деветкратниот победник на Австралија Опен му е поништена австралиската виза, оти не приложил доказ дека е вакциниран со две дози против ковид-19, ниту имал веродостоен документ со кој би потврдил дека од медицински причини не може да биде вакциниран.

Неговите адвокати водат постапка пред локалниот суд за поништување на оваа одлука, а доколку таа биде потврдена, Ѓоковиќ ќе биде депортиран од Австралија.

Српскиот тенисер е задржан во притвор за имигранти и таму ќе биде се до понеделник, кога и ќе се одлучува по неговата жалба.