Шекеринска: Задача на мандатарот е изборот на иден министер за одбрана, ова е чувствителен сектор

„Одлуката е на мандатарот на кој кандидат ќе му ја даде довербата да биде идниот министер или министерка за одбрана“. Ова денеска го изјави актуелната министерка за одбрана – Радмила Шекеринска. Таа смета дека „постои една црвена линија која не треба да се минува, а тоа е да се сугерира кои би биле следните кандидати што би можеле да дојдат на ова место“.

„Ова е задача на мандатарот. Јас ги пренесов моите размислувања дека се работи навистина за чувствителен сектор, сектор во кој не важат само домашните правила за одговорност, туку важат и НАТО правилата на одговорност“ рече Шекеринска.

Според неа, новиот министер или министерка наследува систем што е сложен, но систем кој веќе има резултати. Шекеринска потенцира дека во одбраната секој ден ја покажувате сликата дали сте држава на која може да се верува, држава која стои до кажаното, како што подвлече, дали сте партнери или сојузници чиј збор вреди.

„Тука нема дилеми и на мандатарот му е јасно дека ќе биде потребен таков кандидат, таков министер, кој нема само да ја познава областа, бидејќи тоа е област што е навистина поспецифична, туку ќе биде спремен од првиот ден да ги испорачува обврските што ги имаме како НАТО членка, но и што ги имаме пред своите граѓани“ – изјави министерката Шекеринска.