ЦДХВ воведува нов надоместок, ќе наплатува за централно чување на хартии од вредност

Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје (ЦДХВ) донесе измени на тарифата на услугите што ги врши за учесниците во работата на Депозитарот и корисниците на неговите услуги, на кои Комисијата за хартии од вредност даде согласност.

Централниот депозитар за хартии од вредност АД Скопје (ЦДХВ) донесе измени на тарифата на услугите што ги врши за учесниците во работата на Депозитарот и корисниците на неговите услуги, на кои Комисијата за хартии од вредност даде согласност.

Станува збор за први посеопфатни измени на тарифниот модел по подолг временски период, со кои се врши усогласување на одделни тарифни ставки и се воведуваат одредени новини во начинот на тарифирање на депозитарските услуги.

ЦДХВ претставува клучна институција на пазарот на капитал, која води евиденција за сопственоста на хартиите од вредност во форма на електронски записи, обезбедува сигурно порамнување на трансакциите и ги спроведува корпоративните дејства на акционерските друштва. Како дел од критичната финансиска инфраструктура, Депозитарот има обврска континуирано да инвестира во развој на информатичките системи, кибербезбедноста, управувањето со ризици и усогласувањето со меѓународните стандарди.

Измените на тарифата предвидуваат умерено усогласување на одредени надоместоци со економските движења и растот на трошоците во изминатиот период. Истовремено, се воведува и нов надоместок за централно чување на хартии од вредност (safekeeping fee), кој претставува стандардна практика кај голем број европски депозитари и старателски институции.

Со цел да им се овозможи на учесниците на пазарот соодветен период за подготовка и приспособување, надоместокот за централно чување на хартии од вредност (safekeeping fee) ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година. Надоместокот ќе се пресметува врз основа на вредноста на портфолиото и ќе се однесува исклучиво на иматели на хартии од вредност со портфолија над 1 милион евра. Според анализите на ЦДХВ, со овој надоместок ќе бидат опфатени приближно 1 % од вкупниот број иматели на хартии од вредност. Предложените стапки се поставени на конзервативно ниво во однос на стапките што се применуваат во повеќе земји од регионот. Дополнително, со воведувањето на новиот модел на финансирање од 1 јануари 2027 година ќе престане да се применува една од постојните тарифни ставки што се наплатува од издавачите на хартии од вредност, со што се воспоставува порамномерна распределба на трошоците за одржување на депозитарската инфраструктура помеѓу разните категории корисници на услугите на ЦДХВ.

Со овие измени ЦДХВ обезбедува поодржлив модел за финансирање на депозитарската инфраструктура и нејзино понатамошно усогласување со практиките што се применуваат кај современите депозитари.

Пречистениот текст на тарифата е објавен на официјалната веб-страница на ЦДХВ www.cdhv.mk