„Хјуман рајтс воч“: Етиопски мигранти егзекутирани во Саудиска Арабија по кратки судења без адвокати и преведувачи

Петмина државјани на Етиопија оваа недела биле егзекутирани во Саудиска Арабија по обвиненија поврзани со дрога, по судски процес во кој, според организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“, не биле почитувани основните стандарди за правично судење.

Петмина државјани на Етиопија оваа недела биле егзекутирани во Саудиска Арабија по обвиненија поврзани со дрога, по судски процес во кој, според организацијата за заштита на човековите права „Хјуман рајтс воч“, не биле почитувани основните стандарди за правично судење.

Организацијата соопшти дека најмалку уште 79 Етиопјани се соочуваат со смртни казни по слични обвиненија.

„Хјуман рајтс воч“ се повикува на Европската саудиска организација за човекови права, според која од почетокот на годинава во Саудиска Арабија биле егзекутирани најмалку 116 лица.

Според извештајот, петтемина Етиопјани биле осудени за поседување хашиш.

„Саудиските власти егзекутираат маргинализирани етиопски мигранти по судски рочишта што понекогаш траат само неколку минути, без присуство на адвокат или преведувач, изјави Џои Ши, виша истражувачка за Саудиска Арабија во „Хјуман рајтс воч“.

Таа додаде дека многу Етиопјани заминуваат во земјите од Персискиот Залив во потрага по работа, а десетици ранливи мигранти и натаму се изложени на ризик од егзекуција поради судски постапки што, како што оцени, тешко можат да се наречат правични.

Саудиските власти засега не го коментирале извештајот.

Саудиска Арабија е меѓу неколкуте држави на Блискиот Исток, заедно со Иран, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати, кои предвидуваат смртна казна за одредени кривични дела поврзани со дрога. Кралството и натаму е меѓу земјите со најголем број извршени егзекуции во светот, веднаш зад Кина и Иран.