Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска истакна дека „расната дискриминација“ е спротивна на вредностите на ЕУ, одговарајќи на прашањето поврзано со изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „мешање на расите“.
Иако експлицитно не ги осуди изјавите на унгарскиот лидер, кои предизвикаа револт пред се во Вашингтон, Фон дер Лајен потсети дека „сите земји-членки на ЕУ, вклучително и Унгарија“ треба да ги почитуваат заедничките универзални вредности за кои не се „преговара“.
„Да се дискриминира врз основа на раса е да се погазат вредностите содржини во европските и меѓународните договори“, рече Фон дер Лајен во интервју за словачкиот портал aktuality.sk.
Таа додаде дека „Европската унија е основана на еднаквост, толеранција, чесност и правда“.
Фон дер Лајен досега јавно не реагираше на изјавите на Орбан. Портпаролот на Европската комисија, запрашан во вторникот, рече дека ЕК „никогаш не ги коментира изјавите на европските политички претставници“. Европскиот парламент денеска ги критикуваше изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан за „мешање на расите“.
„Ние, лидерите на политичките групи во Европскиот парламент, силно ги осудуваме неодамнешните отворено расистички изјави на премиерот Орбан дека не сака ‘луѓе од мешана раса’“, се вели во соопштението.