
Лидерот на СДСМ и пратеник во Собранието, Венко Филипче, денеска на седницата посветена на пратенички прашања му порача на премиерот Христијан Мицкоски дека ја промашил професијата, и наместо премиерската функција која според него ја извршува неуспешно, би бил добар уредник на „Информер“ и Колeгиум (емисија на телевизијата на таблоидот), алудирајќи на медиуми, односно емисии во Србија кои го поддржуваа Александар Вучиќ.
Филипче рече дека ја почитува функцијата премиер, но не и него (Мицкоски) лично, поради начинот на кој што ја практицира власта, бидејќи користел пропагандни механизми, црни кампањи, дисктредитации… и не одговара на ниту едно прашање кое што му е поставено. Филипче цело време на премиерот му се обраќаше на „ти“, без персирање.
„Би рекол дека можеби си ја промашил професијата. Би бил добар уредник на ‘Информер’ или на Колегиум, тие сега се гасат полека. Затоа што не ти оди со водењето на државата, во интерес на граѓаните онака како што треба“, рече Филипче.
Премиерот Мицкоски претходно, во одговор на прашањето на Филипче, рече дека бил обвинуван од негова страна дека бил човекот што трансферирал дрога, пари… Притоа, иако нагласи дека не сакал да одговара на такво ниво на однесување, во продолжение се обиде психолошки да го анализира ликот на Филипче, дури и со оцена какво било неговото детство и неговите родители. Еве што рече Мицкоски:
„Не знам што изнаслушав од вас за себе и нема да се спуштам на тоа ниво и да ви одговорам. Мислам дека не заслужувате бидејќи се тоа работи што се учат во првите седум години во животот. Најверојатно тие ваши први седум години биле полни со фрустрација, па тоа сте го испуштиле. Моите први седум години беа среќни со двајца прекрасни родители кои што ме воспитаа да израснам во човек кој што нема да се служи со таа реторика, дури и кога се наоѓа при најтежок притисок како што вие се наоѓате во овој момент, а тој притисок е од потсвеста и од поразот кој што знаете дека секој дене е сѐ поблиску“, рече Мицкоски.
Тој не застана тука туку продолжи со други квалификации, доведувајќи го во прашање воспитувањето на Филипче во најраното детство.
„Нема понатаму да се спуштам на тоа ниво за да вие ја добиете таа чест да ја задоволам и негувам вашата потсвест и оние први седум години во вашиот живот кога требало да ве воспитаат во човек кој што барем кога ја добива честа од граѓаните треба да се однесува достоинствено и пристојно“, рече Мицкоски.
На ова Филипче подоцна во реакцијата на одговорот на Мицкоски само кусо прокоментира:
„Конечно преку Фројд дознавме што се причините. За детството тоа нема да го коментирам“, рече Филипче и продолжи:
„Еве премиере, имаш шанса. Чекаат луѓето да го вратиш името. Врати го името. Чекаа да го поништиш Преспанскиот договор. Поништи го. Чекаа да го смениш или да го подобриш Договорот со Бугарија. Ајде, подобри го. Чекаа да ја подобриш Преговарачката рамка. Ајде, подобрија Преговарачката рамка… Сто пати ветуваше. Ајде заштити го јазикот некако подобро, иако имаме договор потпишан на македонски јазик потпишан со Европска унија“, рече Филипче по зилагањето на премиерот дека тоа биле неговите приоритети на коишто работи.
Прашањето на Филипче се однесуваше на најавата за изградба на рудници во Македонија, при што на премиерот Мицкоски му постави директно и конкретно прашање, при што рече дека се промовира новиот просторен план на кој што се впишани рудниците како прв чекор на спроведување на сите постапки, рудниците во Штука, односно Иловица, потоа Казандол и за прв пат маркирање рудник на Кожуф.
Тој притоа се повика на кажувања на локалното население кое посочило дека на местото каде што се правеле испитувања на Кожуф, на неколку декари околу не растело ништо и дека се исплашени за сопственото здравје, како и за тоа дали ќе се загади целата земја или и водата.
„Дали ги поддржуваш проектите за отворање на рудниците во Штука, односно Иловица, потоа Казандол, рудник на Кожуф и за антимон во Кривопаланечко“, беше прашањето кое што го постави Филипче до премиерот.
Мицкоски во одговорот меѓу другото рече дека прашањето и за другите кажани работи од страна на Филипче повеќе говори за неговата немоќ отколку за „мускулите кои што се обидува да ги покаже“.
Во врска со поврзувањето на случувањата во Србија, но и во Унгарија, Мицкоски рече дека нема да коментира, но сепак додаде дека и покрај најавите од страна на СДСМ дека ќе се откријат низа неправилности, се открила „една добра работа“, мислејќи на унгарскиот кредит.
„Овие прес-конференции коишто вашата политичка партија ги пренесува а што се однесува до изборите во Србија и нивното поврзување со нас во контекст на тој кој чиј и каков ментор бил нема да ги коментирам. Ќе оставам на времето да даде одговор на сето тоа кое што вие го кажувате денеска и лагите ги испраќате. Јас вчера во една моја изјава се извинив на граѓаните за сето она кое што ќе го слушаат во периодот кој што следи. Тоа е едноставно нивото со кое што вие мислите дека во овој момент ќе добиете гласови. Тоа е ваша одлука, слободно водете политика она како што мислите. Но, ако мене ме прашувате за совет, мислам дека чекорите многу погрешно“, изјави Мицкоски и додаде:
„Истото го зборувавте и за Орбан пред 6 месеци, истите прес конференции од А до Ш. Споредете ги и во овие 6 месеци, и тогаш велевте ќе се откриеле криминалиите на Мицко со Орбан, не знам што е се случуваше итн. Но, еве поминаа 6 месеци се откри една работа, дека сме земале добар финансиски кредит од страна на Унгарија. Кредит кој што го употребивме соодветно, а доказ за тоа дали сме го употребиле соодветно е денешниот извештај од Државниот завод за ревизија“.
Мицкоски исто така говореше и за постапките кои што како влада ги затекнале во однос на рудниците во земјава, како арбитражата со украинската компанија, и за одлуката на Управниот суд во врска спо спојувањето, па потоа разделувањето на конесиите за Иловица – Штука. Мицкоски исто така рече дека поддржува ископ на антимон во околината на Крива Паланка.
Во одоговор на ова Филипче предупреди дека Владата ќе се соочи со сериозен отпор кај граѓаните.
„Во однос на рудниците, сакам да ти кажам ако ги почнете постапките ќе се соочите со сериозен отпор кај граѓаните. Ние тој отпор ќе го водиме или ќе го поддржиме, а ако треба ќе направиме и жив ѕид, на нивно барање за таму да нема рудници“, рече Филипче.