Уапсени осум лица за вчерашниот вооружен грабеж во филијала на банка во централна Грција

Шест мажи и две жени се уапсени под сомнение дека стојат зад вчерашниот вооружен грабеж во филијала на банка во градот Като Титотреа во централна Грција, од каде што одзеле околу 200.000 евра, јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчката полиција информираа дека осумтемина биле уапсени вчера попладне и „се истражува нивната вмешаност во случајот со грабежот што се случи во утринските часови на 11 мај во филијала на банка во регионот на Фтиотида, како и во други грабежи“, но и дека во досегашната истрага е пронајдено тешко оружје.

Министерот за заштита на граѓаните на Грција Михалис Хрисохоидис во интервју за државната телевизија „ЕРТ“ утрово објасни дека полицијата веќе подолго време ја следеше конкретната група, што стои и зад други грабежи, еден голем и неколку помали.

Портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду за телевизијата „Скај“ објасни дека станува збор за лица на возраст меѓу 24 и 33 години, првите петмина биле уапсени неколку часа по грабежот, а кај нив биле пронајдени четири рачни бомби, полуавтоматско оружје и пиштоли со куршуми.

Таа додаде дека сторителите немале никаква врска со областа во која се случи грабежот и веројатно конкретната филијала ја избрале бидејќи знаеле дека во непосредна близина не постои полициска станица и дека за да пристигне возило на полицијата ќе бидат потребни најмалку 15 минути.

Вооружениот грабеж се случи вчера наутро кога неколку маскирани лица влетале во банката, од вработените и клиентите, побарале да легнат на земја, а едниот од разбојниците, вооружен со калашников, ги држел под контрола, додека вториот, исто така под закана со оружје, одвел еден од вработените во подрумот, каде што се наоѓале сефовите на банката и оттаму успеале да одземат околу 200.000 евра.

Откако ги одзеле парите, третиот член на групата се појавил на влезот на банката, вооружен со калашников, со цел да им помогне на соучесниците во бегството, додека надвор ги чекал четвртиот член со украдено возило, со кое и побегнале.